Денес, во Брисел започнува значајниот настан „Формирање на иднината на здравствената нега: Изградба на одржлива парадигма за нега и пошироко“, кој се одржува во организација на Европската организација на сестри специјалисти (ЕСНО), во Европскиот економски и социјален комитет и Европскиот прес клуб.
На овој настан активно учество ќе земе и нашата земја со претставниците м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“, како и д-р Ангелка Јанкуловска, предавач на ВМШ.
Настанот ќе се фокусира на европската здравствена работна сила и улогата на медицинските сестри, од основните до напредните специјализации, во контекст на современите здравствени предизвици, како стареењето на популацијата и зголемувањето на хроничните болести.
На настанот се очекува значајна дебата за потребата од одржливи решенија и трансформација на здравствените системи, а посебен акцент ќе се стави на улогата на медицинските сестри во овој процес. Претставниците од различни европски асоцијации и мрежи, меѓу кои и претседателката Гордана Бешлиовска ќе дискутираат за стратегиите кои треба да се применат во справувањето со тековните и идните предизвици.
„Со големо задоволство ја започнувам нашата активност во Брисел, каде денес започнува важниот настан „Формирање на иднината на здравствената нега: Изградба на одржлива парадигма за нега и пошироко“. Овој настан, организиран од Европската организација на сестри специјалисти (ЕСНО), има клучно значење за развојот на сестринската професија и за предизвиците што ги носи иднината на здравствените системи.
Тука во Брисел, имав можност за плодни разговори со претседатели на асоцијации од различни земји, вклучувајќи ја Патриција Бурга од Италија, Панагиота од Грција, која има ангажман во Виена, и Бер Омен од Белгија, член на организацискиот тим на ЕСНО. Претставувањето на нашите идеи и визии уште посилно доби потврда преку директната поддршка од претседателот на ЕСНО, доц. д-р Адриано Фригановиќ, кој ја истакна важноста на нашата улога во европскиот контекст.
Особено значајно за нас е најавата за акредитацијата на регионалната конференција, која ќе ни биде доделена за организација во текот на оваа година. Овој успех е резултат на долгорочниот труд и заложби за унапредување на сестринската професија и зголемување на видливоста на медицинските сестри на европско ниво.
Разговорите што се водат овде во Брисел се фокусирани на предизвиците што ги носи европската здравствена работна сила и ја истакнуваат важноста на специјализираните медицински сестри во справувањето со глобалните здравствени предизвици.
Сигурна сум дека овој настан ќе послужи како поттик за понатамошно унапредување на нашата професија и за изградба на силни и одржливи здравствени системи низ Европа.“ - изјави Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“.