Почитувани, минатиот четврток се одржа првиот симпозиум на Друштвото на медицински сестри за геријатриско-палијативна грижа при ЗМСТАС „ЗА НАС“ на тема „Нови перспективи во геријатријата и палијативата“.
Настанот се одржа во Скопје, Кинотека на Македонија, во присуство на голем број медицински сестри и техничари, соработници и добронамерници.
Официјалното отворање со свој говор го започна м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Меѓу присутните со поздравен говор се обрати и Д-р Салија Љатиф – Петрушовска, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
ПОСТХУМНА ПЛАКЕТА
ЗА ОСОБЕН ПРИДОНЕС КОН СЕСТРИНСКАТА ПРОФЕСИЈА
Друштвото на медицински сестри за геријатриско-палијативна грижа при Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ додели и постхумна плакета за особен придонес кон сестринската професија на ДМСТ Ирена Милошевска од ЈЗУ СБГПМ „13 Ноември” – Скопје, најмладата медицинска сестра која својот живот го загуби за време на ковид-пандемијата.
„Среќна сум за големото присуство на првиот Симпозиум на нашето Друштво на медицински сестри-техничари за геријатриско-палијативна грижа при Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри ,,ЗА НАС“.
Би сакала да искажам голема благодарност до нашата претседателка, м-р Гордана Бешлиовска што ни овозможи да бидеме дел од ова семејство и иницираше да организираме вакви големи настани за нас сестрите.
Се разбира благодарност и до нашата директорка, Д-р Салија Љатиф - Петрушовска која што секогаш има разбирање за потребата од едукација на нас сестрите, бидејќи само добро едуцирана сестра е бенифит, најпрвин за пациентите,па за Институцијата и секако најголем бенифит за самата сестра.
Најголема благодарност за сите вас колешки и колеги кои што со своето учество, присуство и вашата поддршка го збогативте овој наш настан.
Сосема за крај би сакала да ја цитирам големата Флоренс Најтингел која вели: ,,Ни една сестра никогаш не треба себе да се смета за готова сестра мора да учи цел живот" – истакна сестра Анита Велкова, претседател на Друштвото на медицински сестри за геријатриско – палијативна грижа при ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Модератори на настанот беа ДМСТ Анита Велкова, Претседател на Друштвото на мед.сестри за геријатриско-палијативна грижа при ЗМСТАС „ЗА НАС“, ДМСТ Катерина Митровска, Главна мед.сестра во ЈЗУ СБГПМ „13 Ноември“ - Скопје и МСТ Илија Милошевски, Член на извршниот одбор на ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Со музичко матине настанот го дополни легендарниот музичар Јаков Дренковски, додека пак водител на програмата беше нашиот соработник и голем хуманист Каролина Петковска.
Настанот беше поддржан од нашите пријатели „Ладна, “Lohmann & Rauscher” и „Тосама Трејд“.