Почитувани членови, Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“, изминативе години низ своите стратегии и цели, со сите активности не придвижува кон модерната сестринска професија. Сите наши досегашни апели биле стручни, едукативни и просиндикални, со единствена цел: да ја добиеме својата автономија преку закон, кој пак треба да ни ја донесе и комората.
Од 2017та година, со актот на формирање на Здружението, нашите заложби јавно беа изнесувани и афирмирани со бројните активности, за кои секогаш добивавме пофалби од Балканските и Европските Асоцијации, но не и од најголемиот број на министрите за здравство.
Во меѓувреме бевме сведоци на популистички реторики и премолчување на проблемите кои се заменуваа со уште поголеми, како пандемијата и слично.
За прв пат по толку години гледаме светлина на патот и решителност кај исклучително подготвени луѓе. Барањата на сестринството, да добијат еднаков приоритет и третман во решавањето коешто го наложуваат европските и светски регулативи. За првпат гледаме можни партнери во создавањето на новата историја за сестринската професија за доброто и на сестрите и на пациентите и на државата!
За прв пат од нашето основање, здружението доби покана за сослушување на барањата, но и нудење соодветни решенија и гаранции за закон и комора! Конечно пристигна интерес од политичка опција. Пристигна интерес за предлози, за потреби и барања, за решение на сестринските проблематики. Ние за прв пат сме прашани за нашите проблеми и за нашиот статус. За првпат добивме можност сѐ што работиме и сработивме да може да биде имплементирано и да допринесеме за стратегии и решенија, за статусот на медицинските сестри, акушерки и стоматолошки сестри.
Ве информираме дека во текот на вчерашниот ден бевме дел од состанокот на здравствената комисија на ВМРО-ДПМНЕ, каде имавме можност да ги истакнеме сите наши заложби и за прв пат да добиеме ветување за Закон и Комора.
Ние веруваме и го слушаме зборот, но уште повеќе ги очекуваме делата, зошто истите ја потврдуваат решителноста, но и доблеста, одговорноста да се издигне и врати достоинството на државата и на народот!
„Потребен е закон, потребна е комора, потребно е зголемување на платите, но најпотребно ни е заедништвото и достоинството! Сите искуства, целото знаење и целата енергија, сега и во иднина, јас како претседател и сите мои соработници и сите членови на Унијата кои во целост се вложуваат и ќе се вложуваат за доброто на сестринството!“ – истакна сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Со ситните суети и лични интереси на пресметани "додворувачи", Здруженито и Унијата ниту досега, ниту пак од сега ќе си го троши времето, бидејќи за нашето единство, посветеност и професионализам говорат делата и бројот на членството.
Ние ја прифаќаме искрено подадената рака и сакаме да веруваме дека овојпат конечно тоа ќе биде победничко партнерство во интерес на сегашноста и иднината на оваа земја!