Пејачката Биба Додева вечерва јавно се обрати до Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, и се извини, поради, како што рече „човечките слабости кои сите ги имаме, особено кога здравјето ни е доведено во ризик од страна на оние од кои ни зависи животот и сме немоќни, па реагираме испровоцирано, исплашено, грубо и некултурно“.
Биба на својот Фејсбук профил во видео обраќањето рече дека нема оправдание за „мојата реакција која беше во афект и која беше оценета како генерализирање“.
- Тоа никако не смееше да се случи, имајќи ја во предвид мојата долгогодишна и плодна соработка со медицинскиот персонал. Без него, би се намалил квалитетот на работењето и на Борка, за што впрочем и сум кажувала јавно во секоја прилика. Длабоко се извинувам на сите оние кои чесно и најодговорно ја извршуваат најхуманата професија и кои мојата објава ја сфатија како навреда кон нив или омаловажување на нивниот ангажман...
Почитувани членови, ве известуваме дека по минатонеделните реакции на Унијата во однос на навредите упатени кон медицинските сестри извршниот одбор одлучи да ги запре понатамошните правни постапки.
Јавното извинување е она што во моментов можеше најмалку да се направи.
Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „ЗА НАС“ останува на ставот дека нема да дозволи никој да ја омаловажува нашата хумана професија, ќе се бориме заеднички за правата кои се неопходни да ги имаме и воедно апелираме до јавноста да ни ја даде својата поддршка бидејќи унапредувањето на сестринските права значи унапредување и на целокупниот здравствен систем, а со тоа и унапредување на услугите кои ги добиваат пациентите.