3 Декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби

Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ се приклучува кон чествувањето на 3 декември кој се одбележува како Меѓународен ден на лицата со посебни потреби.

Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби. Но, како што велат многу здруженија, невладини организации, сојузи за лицата со хендикеп – не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. Овие лица најмногу бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството.

Терминот посебни потреби може да означува многу разни состојби: од мали потешкотии во учењето, изразени интелектуални потешкотии, психијатриски нарушувања, хронични болести итн.

Лицата со посебни потреби претставуваат една вулнерабилна група, која се наоѓа сè уште на маргините на општеството. Тие се соочени често пати со проблемот на изолација во средината во која живеат. Покрај неповолните општествено- економски односи на лицата со посебни потреби им е неопходна потребата од општествена заштита во сите сфери на општествениот живот: здравството, образованието, работните односи и други дејности.

Според податоците на Светска здравствена организација(СЗО), повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Ова одговара на околу 15% од светската популација.  Стапката на инвалидност постојано се зголемува, поради стареењето на населението и глобалниот пораст на хронични здравствени состојби.

Земјите со пониски приходи имаат повисока преваленција на инвалидност за разлика од земјите со повисоки приходи. Попреченоста е почеста кај жените, постарите лица, децата и возрасните кои се сиромашни. Овие лица и тешко можат самостојно да си обезбедат соодветна здравствена заштита и затоа е потребно секоја држава целосно да им помага на лицата со пречки во развојот.

Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200 000 жители се лица со инвалидитет. Здравствената и социјална заштита на лицата со посебни потреби има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини. Современата медицинска наука може многу да помогне на лицата со посебни потреби за да постанат активни членови на општеството. Иако границата не е јасно одредена за нормалното физичко и психичко здравје, здравствената заштита има за задача, исто така, и превенција на секаков вид оштетување и дефектност и кај деца и кај возрасни.

Лицата со посебни потреби во државава и денеска се соочуваат со голем број предрасуди, маргинализација и дискриминација.

Иако на лицата со инвалидност им припаѓаат сите права коишто се загарантирани со универзалните документи усвоени под закрилата на ООН, тие се уште се среќаваат со голем број на препреки во нивното остварување. За жал, се уште има предрасуди, маргинализација, дискриминација.

Во нашата држава видот и степенот на пречките во физичкиот или психичкиот развој се уредува со Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој (Службен весник на РМ бр.30/2000 год) и според него лица со пречки во физичкиот или психичкиот развој кои имаат специфични потреби се:

- лица со оштетен вид (слепи и слабовидни)

- лица со оштетен слух (глуви и наглуви)

- лица со пречки во гласот, говорот и јазикот

- телесно инвалидни лица

- ментално ретардирани (лесно, умерено, тешко и длабоко)

- аутистични лица

- хронично болни лица

- лица со повеќе видови на пречки.

Општо земено причините кај сите видови недостатоци можат да бидат хередитарни (наследни), конгенитални (вродени) и аквирирани (подоцна стекнати) . Наследните и вродените причини честопати се категоризираат како внатрешни причини, додека подоцна стекнатите се категоризираат како надворешни причини. Наследните причини се јавуваат скоро кај сите, но најмногу кај интелектуалната попреченост. Вродените причини најмногу можат да настанат за време на бременоста кај жената. Надворешните причини настануваат по раѓањето на детето. Тие може да настанат како последица на разни заболувања или механички повреди.

Причините за психофизичките недостатоци можат да се спречат или да се ублажат во зависност од општествено-економските услови и од културниот развој на една земја. Потоа, тие можат да се спречат или да се ограничат со развојот на науката и пронаоѓањето на разни средства за спречување на разните болести што се причина за појавата на недостатоците.

Причини за настанување на оштетувањето на видот, на оштетувањето на слухот, за попреченоста во психичкиот развој, односно интелектуалната попреченост, за говорните недостатоци и за телесните оштетувања.

Потребно е да се посвети соодветно внимание на лицата со посебни потреби. Република Македонија креира мерки и решенија за нивно полесно вклучување во социјалната средина и полесно извршување на сите активности. Областите во кои се работи се образованието, вработувањето, домувањето, социјалната заштита на лицата со посебни потреби, но посебно треба да се истакне здравствената заштита бидејќи таа им е и најпотребна на овие лица во полесно совладување на здравствените потешкотии. Современата медицинска и други науки може многу да помогнат на овие лица за да ги развијат своите преостанати потенцијали и способности и да постанат активни членови на општеството.

Здравствената и социјалната заштита играат значајна улога во животот и целокупниот развој на секое лице со посебни потреби. Кога и да помислиме на овие лица, секогаш треба да тргнеме од начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и квалитетен и сигурен здравствен третман.

Затоа потребно е сите заедно да се обединиме и на било кој начин да им помогнеме на лицата со посебни потреби за достојно и квалитетно да уживаат во животот.

Текстот е превземен од 
ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.

Пребарување

Категории

Актуелно

ПРОСИНДИКАЛНОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА НАШЕТО ЗДРУЖЕНИЕ КОНЕЧНО ВРОДУВА СО ПЛОД: ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА КОЕФИЦИЕНТИТЕ
19.11.2024
Почитувани, Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ ја поздравува одлуката за потпишувањето на општиот колективен договор со покачување на процентите на коефициентите.
Види детали

Тагови

Архива на вести