УНИЈАТА ПОТТИКНА ПОЗИТИВЕН ИСЧЕКОР ВО ОДНОС НА СОСТОЈБАТА НА МЕД.СЕСТРИ СО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ, НО ПРИОРИТЕТ СЕ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ СО СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“  известува дека по низа преговори успеа делумно да го оствари барањето на медицинските сестри на кои не им беше признаено високото образование.

Имено, по неколку средби со синдикатот и денешниот состанок со министерот за здравство донесена е одлука со која сите медицински сестри со завршено високо образование, заклучно до 30 јуни 2021 година, веќе од септември ќе добијат покачување и нивниот месечен надоместок ќе се вреднува според завршеното образование. Унијата го смета решението од денешниот состанок за позитивен исчекор, но не и трајно решавање на проблематиките кои може да се појават при имплементирањето на оваа одлука. 
 
ПРИОРИТЕТ НИ СЕ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ СО СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Во овој момент приоритет ни се медицинските сестри со средно образование за што имаме интензивни преговори со синдикатот. Од извршниот одбор на Унијата посочуваат дека зголемување на коефициентите мора да имаат и медицинските сестри со над 15 години искуство, кои и во овој момент се всушност најголемите ментори и носители на работата во институциите.
 

“Што се однесува до постигнатиот делумен успех во однос на сестрите со високото образование, Унијата не застанува тука, важно ни е дали оваа одлука ќе биде решена со нов анекс или како дополнување на договорот од 2015та година. Ние го сметаме ова за позитивен исчекор, но мораме да ги видиме резултатите и да почекаме оваа одлука да добие правна издржаност. Во секој случај веќе од наредната недела ги најавуваме новите состаноци, бидејќи сметаме дека треба да постои континуирано следење и признавање на образованието, односно постоење на систем со што истите ќе добијат и соодветни решенија и коефициенти према кои ќе им се вреднува и дополнителниот труд како ноќните смени и дежурствата. За жал како и во минатото апелираме дека овие проблеми се јавуваат поради недостатокот на Закон за сестринството!“ – изјави сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата.



Министерот на социјалните мрежи ја објави одлуката од денешниот состанок, на кој како претставник од Унијата и здружението „За нас“ беше дипломираниот медицински техничар Саше Илијески, вработен во ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ во Скопје.

 
ИНФО ПЛУС
Ги известуваме медицинските сестри дека конечно ќе бидат остварени и финансиските надоместоци за сите здравствени работници како награда за дадениот труд во борбата против пандемијата предизвикана од корона вирусот. Имено во наредните 2 месеца, месечниот доход ќе биде зголемен за 10%, а до крајот на годината по 5%.



Подготвил:
Даниел Стојмановски
Односи со јавност и комуникација со медиуми

Пребарување

Категории

Актуелно

ПРОСИНДИКАЛНОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА НАШЕТО ЗДРУЖЕНИЕ КОНЕЧНО ВРОДУВА СО ПЛОД: ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА КОЕФИЦИЕНТИТЕ
19.11.2024
Почитувани, Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ ја поздравува одлуката за потпишувањето на општиот колективен договор со покачување на процентите на коефициентите.
Види детали

Тагови

Архива на вести