МНОГУМИНА НЕ ЈА РАЗБИРААТ ШИРИНАТА, УЛОГАТА И ОДГОВОРНОСТА НА МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА

Почитувани членови, продолжуваме со серијата на интервјуа со нашите колешки, медицински сестри кои изминатиов период се директно вклучени во ковид центрите низ нашата земја. Денешниот разговор го водиме со сестра Снеже Бегоска која веќе 9 години е медицинска сестра во ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ во Скопје.

Таа вели дека кога сте медицинска сестра пред сѐ треба да се прифати одговорноста на таа професија, да бидете доверлива и хумана личност.

Со секојдневното одење на работа знаете дека секој ден е борба за нечиј живот. Нејзиниот работен ден започнува токму така, со предизвик и желба да се помогне.


 

„Кога се сака професијата  се е лесно, ништо не е тешко! Ако треба да одбирам пак би  избрала да бидам медицинска сестра, бидејќи ниту една ситуација не може да ти ја смени љубовта кон работата. За мене ова е незаменлива  професија која во целост ме исполнува, да се помогне на луѓето и да се направи добро дело е неописливо чувство.“





 

Во моментите на криза ние бевме до болните,  им бевме светлата точка во тунелот, првата подадена рака, првата утеха.

За време на ковид пандемијата сестра Бегоска вели дека сите се соочивме со нешто ново, нешто невидливо и непредвидливо.

„Во една ваква вонредна воена состојба иако надвор немаше пушки имаше пациенти, тешко болни, со кои заедно секојдневно се боревме за да ја преживееме голготата на непредвидливиот противник. Во моментите на криза ние бевме до болните,  им бевме светлата точка во тунелот, првата подадена рака, првата утеха.“



Добрата организација е секогаш столбот на една иституција за да може да функционираат вработените. Најважна е колегијалноста, добриот тим секогаш победува, бидејќи силата на секој член од тимот е потребен за да можат да течат работните обврски.

„Иако сите бевме исплашени, а потоа и изморени, желбата да се помогне беше голема, а ние бевме радосни кога ќе си одеа дома кај своите сакани. Колегијалноста беше на високо ниво, сите ние бевме сплотени како едно семејство.“



Таа вели дека поддршката од семејството ја има целосно бидејки знаат колку ја сака својата професија. Горди се на нејзината улога во пандемијата но, истовремено и многу исплашени за нејзиното здравје. За среќа, овој период, со започнувањето на масовната вакцинација Снеже вели дека работите повторно се враќаат под контрола.

„Вакциналниот процес дефинитивно е бенифит бидејки видовме дека пандемијава со вирусот како и заразните болести се закана по нашите животи и животите на нашите најблиски. Не постои друга поефикасна медицинска технологија која би го заштитила човечкото здравје како тоа што би го направила вакцината. Таа е надеж за човештвото. Вакцините како и природната инфекција веќе го обезбедуваат одреденото ниво на заштита која се гледа и по намалената бројка на новозарезените пациенти која е во опаѓање.“



Во однос на проблематиките со кои се соочува како медицинска сестра таа истакна дека за жал сѐ уште многумина не ја разбираат ширината, улогата и одговорноста на медицинската сестра, а со тоа и не ја ценат на вистинскиот начин.

„Голем напредок во нашата професија е основањето на здружението и Унијата. Вакво сплотување е нешто што навистина ни требаше. Ова е единствената организација која ги претставува медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри, сѐ со една цел, да се слушне гласот на сестринската професија, пожртвуваноста и посветеноста на работата.“


За многумина оваа тешка и долга ситуација направи големи промени, но истовремено и не научи дека човечкиот живот  е скапоцен, и дека треба да знаеме да му се радуваме на животот.
 

„Да се посветиме во реализација на своите соништа, да бидеме истрајни и упорни во достигнување на поставените цели, да не се откажуваме! Да веруваме во себе! Да го работиме она за што сме учеле и да го сакаме тоа што го работиме. Да продолжиме со нашата мисија да помогнеме и спасуваме животи!“



Автор:
Даниел Стојмановски

Фотографии:
Приватна архива

 

Пребарување

Категории

Актуелно

ПРОСИНДИКАЛНОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА НАШЕТО ЗДРУЖЕНИЕ КОНЕЧНО ВРОДУВА СО ПЛОД: ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА КОЕФИЦИЕНТИТЕ
19.11.2024
Почитувани, Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ ја поздравува одлуката за потпишувањето на општиот колективен договор со покачување на процентите на коефициентите.
Види детали

Тагови

Архива на вести