Пандемијата предизвикана од корона вирусот се чини никако да стивне. Повеќе од година дена човештвото е пред огромен предизвик да го зачува своето здравје и да пронајде решение за да стави крај на оваа секојдневна борба.
Последните истражувања покажуваат дека вакцинацијата на населението е единствениот начин да го прекинеме ланецот на новозаразени. Досегашните мерки за зачувување на јавното здравје и тоа како се од витално значење, но носењето маски, држење на соодветна дистанца и прекинување на секојдневните активности и социјализација освен што оставаат психолошки последици, тие сепак претставуваат и само моментално решение кое помага во намалување, но не и спречување на заразата.
Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „ЗА НАС“ денеска поразговара со Софија Стојкоска, медицински лабораториски техничар кој веќе 10 години е дел од ЈЗУ ГОБ „8ми Септември“ во Скопје, и е директно вклучена во дијагностицирањето и лекувањето на заболените од корона вирусот. Таа е и сопруга, мајка на 4 деца, но и пожртвувана медицинска сестра – лаборант за која и колегите и пациентите ќе ви кажат дека е најголемиот професионалец и хуманист кој несебично се дава за доброто на сите.
Софија вели дека појавата на пандемијата Ковид 19, сама по себе е еден голем предизвик за сите здравствени работници. Работата на медицинските сестри, а и сите медицински лица во целост е заснована на хуманост и разбирање на пациентите не само во услови на пандемии туку и во нормални работни услови. Кај сите нив, успехот за згрижување и помош на пациентите од самиот прием, тек на лекување и отпуст, е од големо значење. Сето тоа допринесува за мотивација во работата.
“Во моменталната состојба во која се наоѓаме, за жал секој ден помалку или повеќе наликува еден на друг. Работните обврски започнуваат со припреми за лична заштита, како би можеле да им помогнеме и на останатите. Тоа подразбира целосна заштита пропишана според протоколите, донесена во услови на пандемија. Дезинфицирање, пред се на самите себе, облекување на заштитна опрема, дезинфицирање и стерилизирање на работни простории и простории во кои ќе имате проток на пациенти. Потоа според распоредот на работните места, секој се упатува на својата работна задача. Кај мене воглавно тоа е земање на брисеви и венепункција кај пациенти кои се Ковид позитивни. Оние кои доаѓаат во инфективната амбуланта како и оние кои се веќе лежечки пациенти во нашата болница.“
СЕРИОЗНОСТА НА СОСТОЈБАТА НЕ Е ДОВОЛНО РАЗБРАНА
Таа вели дека секојдневно постои еден страв кој е присутен, но се обидува поради личната изложеност на вирусот, да внимава на протоколот за заштита. Пред се за себе, но и поради тоа што може и колегите и останатите лица да ги изложи на ризик.
„Често пати помислувам дека сериозноста на состојбата не е разбрана од поширокиот дел на популацијата. Тешката кличка и психичка слика на пациентите со која секојдневно се среќавам, не може да се рече дека е лесно да се гледа секојдневно. Но, се обидувам иако постојано мислам на тоа, да поминатото време дома го исполнам со други активности. Убаво е што имам разбирање од членовите на семејството кои се свесни како сето би влијаело на мене, па дома се обидуваме воопшто и да не разговараме за тоа.“
За Софија тимската работа е една од најважните работи во моментот, бидејки работата под маски и скафандери малку ја отежнува целата комуникација.
„Работата во вакви услови е сложена доволно сама по себе, па да не е добрата тимска работа и комуникација помеѓу сите нас работните услови ќе бидат отежнати. Мојата соработка со колегите е одлична, имаме почит и коректен однос со целиот персонал.“
ИАКО НЕ СМЕ ДОВОЛНО ВРЕДНУВАНИ, ПОВТОРНО СЕ ЧУВСТВУВА ЕДИНСТВОТО
Во однос на Унијата и здружението „За нас“, истакна дека е одлично што повторно се чувствува единството во една ваква организација на медицинските лица, во која целта е заштита и обезбедување на подобри услови за сите медицински сестри, акушерки, лаборанти техничари.
„Ние како фела имавме потреба од вакво здружение кое ќе се залага за подобри услови, обуки и усовршување, како и на нашите права и обврски како една алка во здравствениот систем без која тој не може да функционира. Се уште не можам да речам дека не недостасува ништо, бидејќи ние сме земја која не може да обезбеди се што ние бараме. За жал не сме доволно вреднувани иако правиме се да ги задовилиме барањата кои се очекуваат од нас. Се уште се соочуваме со напади и непочитување на медицинските лица. Во моменталната состојба сакам да верувам дека се прават напори да се обезбедат сите потребни матерјали и дека се користат сите ресурси за справување со пандемијата.“
И по една година во првата борбена линија на фронтот, таа е полна со ентузијазам и го заслужува епитетот херој. Таа е една од многуте колешки кои го оправдуваат значението на нашата професија.
„На колегите би им порачала се уште под маските да ја зачуваат својата насмевка, која за сега ја гледаме само во очите, но се надевам дека и покрај се ќе останеме ведри и насмеани како што бевме пред пандемијата. На пошироката јавност ќе порачам, да ги почитуваат мерките за лична заштита, да внимаваат на своето и на здравјето на своите блиски. Оваа пандемија се надевам дека ќе ни биде школо на сите да научиме да го почитуваме, сакаме и цениме животот, бидејки тој нема цена.“
Автор и фотографии:
Даниел Стојмановски