Почитувани, во овие тешки мигови чувствувам потреба и лично да се обратам за прерано згаснатиот живот на нашата Ирена. Тажните вести не бираат ниту време ниту место, а загубата на драгите луѓе оставаат длабока трага на секој од нас. Солзите колеги не се лек, но голема е тагата да ја носат сами нејзините најблиски, па затоа во мислите на сестрите и во молитвите ве замолувам да бидеме со нив.
Ирена, секогаш ќе те помниме бидејќи нашиот живот никогаш немаше да биде ист без твојата добрина, љубов, доверба, племенитост, хуманост, харизма и поддршка.
Овој свет беше навистина подобро место за живеење благодарение на тебе. Ти ми беше пријателка, колешка, сопруга на нашиот другар, и не само моја туку и на целото сестринство. Благородна, хумана и неверојатна која искрено се радуваше на се што работевме за медицинските сестри.
Многу се гордееме што те имавме наша сестра Ирена.
Почивај во мир, Господ да ти дари царство небесно и да те насели во рајските цветни градини.
Со почит,
сестра Гордана Бешлиовска
Претседател на Унијата на ЗМСТАС и здружението „За нас“
„АНГЕЛИТЕ НИКОГАШ НЕ УМИРААТ“
Извршниот одбор на УНИЈАТА НА ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ денеска со голема жалост соопшти за прерано згаснатиот живот на досега најмладата медицинска сестра - жртва на ковид вирусот, 40 годишната сестра Ирена Дојчиновска Милошевска од Геронтолошкиот завод „13ти Ноември“ во Скопје.
Голем борец и хуманитарец во и вон своите работни обврски.
Унијата на ЗМСТАС испрати пораки до медиумите за сестрата која несебично се даваше во сите активности поврзани со нашата борба за сестринските права, и која ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател.
Извршниот одбор изрази сочувство до семејството и најблиските. Нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден.