УНИЈАТА АПЕЛИРА: ОДЛЕВАЊЕТО НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ СОГЛЕДУВАНО НА КРАТОК РОК

По вчерашните објави на социјалните мрежи, денес веќе и на интернет порталите за веста дека медицински сестри се одлеваат од јавното здравство, Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ повторно потсетува дека се додека не постои закон кој ќе ја регулира професијата на медицинските сестри, вакви и други негативни случувања за жал ќе бидат се почеста појава во нашата држава.

Она што загрижува е што јавноста и сите политички чинители овие проблеми ги согледуваат само на краток рок, во моментот кога се најинтензивни, наспроти нашите долгогодишни заложби, апели, предлози и правно формулирање за унапредување на сестринската дејност во согласност со европските директиви.

Од почетокот на нашето формирање целта ни е создавање на една рамноправна и продуктивна клима од која ќе произлезат решенија од кои покрај здравствените работници бенефит ќе имаат и граѓаните како корисници на услугите на јавното здравство.

Кога зборуваме за Закон за сестринска дејност, не мислиме само на покачување на коефициентите за плата со цел вреднување на трудот на една медицинска сестра, туку многу повеќе. Законот пред се треба да ни овозможи активна улога во креирањето на здравствените политики почнувајки од образовниот процес на овој кадар, преку праксата бидејќи само медицинските сестри со долгогодишно искуство се единствените кои можат да придонесат во унапредување на струката.

Лиценцата за работа е уште еден голем недостаток кој со себе повлекува низа  проблеми поврзани со значењето на квалитетен и задоволен кадар. Во време кога многу одамна сите високообразовни, но и многу занаетчиски професии поседуваат лиценци за работа, апсурдно и недозволиво е една ваква круцијална професија да биде постојано оставана на маргините и да се занемарува потребата од соодветна правна регулатива. Кадри од овој здравствен профил со завршено високо стручно образование излегоа  пред петнаесет години и е факт кој потврдува дека со години проблемите се таложеле и сеуште без решение се провлекуваат низ лавиринтите на ресорното министерство.
 
Сметаме дека одлевањето на медицинските сестри од нашиот здравствен систем ќе беше уште поголемо доколку не бевме во оваа ситуација во која сеуште сме. Медицинските сестри се исцрпени, максимално пожртвувани, а во исто време и заборавени од системот.

Затоа, ние како Унијата на ЗМСТАС покрај континуираната поддршка на колегите, продолжуваме со активности за остварување на зацртаните заложби и цели. Во исчекување на формирањето на новиот тим на власта и во оваа прилика повторно јавно апелираме за соработка и нудење на можни решенија.

Пребарување

Категории

Актуелно

ПРОСИНДИКАЛНОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА НАШЕТО ЗДРУЖЕНИЕ КОНЕЧНО ВРОДУВА СО ПЛОД: ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА КОЕФИЦИЕНТИТЕ
19.11.2024
Почитувани, Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ ја поздравува одлуката за потпишувањето на општиот колективен договор со покачување на процентите на коефициентите.
Види детали

Тагови

Архива на вести