Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ се придружува кон одбележувањето на 17 септември – Светскиот ден посветен на безбедноста на пациентите. Оваа година Светската здравствена организација акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“.
Здравствените работници се во првите борбени редови во справувањето со вирусот Ковид-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.
„Заштитата и безбедноста на персоналот е врвен приоритет на Министерството за здравство имајќи предвид дека со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив. Сите јавни здравствени установи во државата располагаат со соодветна заштитна опрема за персоналот и средства за дезинфекција, а воедно Министерството располага со доволно резервни количини кои се доставуваат до установите согласно нивните барања и потреби. Дополнително на опремата која ја има Министерството за здравство, добиени се донации во заштитна опрема во големи количини – повеќе од еден милион парчиња заштитна опрема од различен вид“, соопштија од МЗ по повод Светскиот ден посветен на безбедноста на пациентите.
Покрај безбедноста на медицинскиот персонал, потребно е стимулирање и мотивирање на кадарот, како и унапредување на статусот на здравствените работници. Здравството и здравствените работници се клучниот столб во борбата со вирусот Ковид-19, и токму затоа во континуитет апелираме максимално да се почитуваат мерките за заштита.