Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ се придружува кон реакциите дека медицинската сестра, вработена во ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија не треба да биде казнета поради учеството во Меѓународниот научен проект.
Унијата ја поддржува секоја медицинска сестра која на било каков неоснован начин биде казнета. Повикуваме да не се руши достоинството и професионалноста на медицинските сестри, туку да им се признае нивната стручност и важност во здравствениот систем.
Казнетата медицинска сестра во проектот учествувала доброволно, како испитаник, без никаква финансиска надокнада, ниту пак со учеството направила било каков трошок на установата каде е вработена. Волонтерското учество подразбира дека немала никаква обврска да го извести работодавачот, односно директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија или било кој друг раководен орган на таа институција. И, покрај тоа за учеството во проектот била запознаена докторката која тој ден го менувала директорот поради негово отсуство, како и медицинската сестра која тој ден ја менувала главната сестра.
Изречената казнена мерка „дисциплинска неуредност“ нема никаква правна или било каква друга поврзаност со волонтерско учество во научен проект како испитаник и од тие причини истата треба да се укине. (извор: novatv.mk)
Фотографија: Арбнора Мемети
Подготвил:
Даниел Стојмановски
Лице за односи со јавноста и комуникација со медиуми